Во медиумитеНовости

Ц3И за Макфакс истражување: Има ли Македонија соодветна стратегија за сајбер безбедност и капацитети за реализација?

Макфакс истражување: Има ли Македонија соодветна стратегија за сајбер безбедност и капацитети за реализација?

 

Во време кога националната безбедност е секојдневно присутна тема во јавноста ширум Европа и светот, сајбер безбедноста и градењето на стратегија за имплементација на истата претставува еден од клучните елементи на кои се базира успешноста на одбранбениот систем на една земја. Македонија, како и останатите европски земји, не е имуна на се почестите и големи закани кои го демнеат сајбер просторот и соодветно на тоа, државните институции се должни да подготват и соодветна стратегија за справување со ваквиот тип на закани. Макфакс истражуваше повеќе на оваа тема и за тоа што треба се треба да опфаќа македонската национална стратегија за сајбер безбедност.

Во однос на предизвиците во областа на сајбер безбедноста со кои се соочува Македонија, истите не се поинакви од оние со кои се соочуваат сите останати држави, велат за Макфакс од Министерството за одбрана. „Пред сѐ, тука во преден план би ја навеле огромната технолошка експанзија и сѐ поголемата зависност од најновите технолошки достигнувања кај кои сме повеќе од свесни дека и покрај безбедносните мерки кои се преземаат при нивното дизајнирање секогаш ќе бидат пронајдени одредени „слаби точки“, кои можат да бидат злоупотребени од страна на злонамерните корисници“, велат од МО.

Заканите во македонскиот сајбер простор пред се доаѓаат од областа на сајбер криминалот и несоодветното користење на социјалните мрежи, од што пак потенцијално произлегуваат и мноштво случаи на повреда или злоупотреба на личните податоци на граѓаните, објаснуваат за Макфакс од македонската невладина организација „Иницијатива за сајбер и корпоративна безбедност и кризен менаџемент – C3I“.

„Посериозна анализа на овие дејства укажува дека до истите доаѓа како резултат на ниското ниво на информираност и свест кај поединците за влијанието и моќта кои современите технологии го имаат врз секојдневниот живот, особено во социјална и психолошка смисла. Засега сајбер безбедноста сосема незначително е земена предвид во доменот на националната безбедност. Како организација не сме сигурни дека стратегијата сеопфатно го има консидирано тоа, особено ако се знае дека сосема минорно се опфатени мерките и постапките кои вооружените сили или органите одговорни за националната безбедност се надлежни и треба да ги преземаат“, велат од C3I.

Од организацијата додаваат дека покренувањето на свеста кај граѓаните околу сајбер безбедноста и ризиците кои постојат треба да биде задача не само на безбедносните субјекти, туку целокупниот систем на институции во земјата.

„Кога ќе му кажете некому дека оваа тема задолжително треба да се вгради во наставата уште во основното образование, можеби ќе ве смета за несериозен. Кај нас, за жал, се уште на оваа тема се гледа како тема која им припаѓа само на луѓето од ИТ секторот. Факт е дека 50-60 отсто од ИТ секторот го има главниот збо, но имајќи предвид дека ИТ технологиите се инкорпорираат во сите сфери од секојдневниот живот и се наша реалност, неопходна е далеку поголема инволвираност на експерти од останатите сфери кои имаат допирни точки“ со ова прашање. Со други зборови, потребен е т.н. “The whole-of-government approach” за оваа проблематика. Тоа значи дека за регулирање на оваа материја и секако за будење на свеста кај индивидуите, се одговорни не само оние субјекти кои во конвенционална смисла (безбедносни субјекти) би се сметале за ексклузивно одговорни, туку и други субјекти-институции кои индиректно се вклучени во националната безбедност преку контекстот на градење на социјалната стабилност и сигурност во државата“, објаснуваат од C3I.

Од Министерството за одбрана, пак, велат дека во моментов се работи на официјализирање на Национална стратегија за сајбер безбедност со која точно ќе се дефинира улогата на секоја институција во системот за одбрана од евентуални закани во сајбер просторот.

„Работиме на полна оперативност на воспоставениот Националниот тим за одговор на сајбер инциденти. Дополнително, Националниот тим ќе треба да воспостави тимови во останатите институции, државни и приватни, кои ќе бидат подготвени за директен одговор на заканите и кои меѓусебно ќе се координираат во однос на активностите поврзани со одбраната од сајбер закани. Во меѓувреме е започнат процесот на идентификување на критичната инфраструктура и критичната информатичка инфраструктура, чија повреда може да предизвика огромни штети на националната безбедност. Од особено важност за сајбер безбедноста е споделување на информации помеѓу субјектите, јавниот сектор, академската заедница и приватниот сектор во чија сопственост е најголем дел од критичната инфраструктура како што се енергетскиот, телекомуникацискиот, транспортниот, банкарскиот сектор итн“, велат оттаму.

Националната стратегија за сајбер безбедност и нејзината имплементација во земјава се дел од истражувањето коешто го направи Макфакс а кое ќе биде целосно објавено периодов. Развојот на стратегиите за сајбер безбедноста на балканските земји, пак, ќе бидат тема на регионалната конференција за сајбер безбедност која деновиве се одржува во Белград, а на која ќе присуствува и Макфакс./крај/мф/бс

 

Линк: http://makfax.com.mk/analizi/%d0%bc%d0%b0%d0%ba%d1%84%d0%b0%d0%ba%d1%81-%d0%b8%d1%81%d1%82%d1%80%d0%b0%d0%b6%d1%83%d0%b2%d0%b0%d1%9a%d0%b5-%d0%b8%d0%bc%d0%b0-%d0%bb%d0%b8-%d0%bc%d0%b0%d0%ba%d0%b5%d0%b4%d0%be%d0%bd%d0%b8%d1%98/

Напишете коментар