АктуелноВо медиумитеПубликации

Влијанието на 5G дезинформациите за време на КОВИД-19 кризата

Автор: доцент д-р Томислав Шуминоски

Доцент на Факултетот за електротехника и информациски технологии (ФЕИТ), при УКИМ – Скопје. Докторирал на напредни механизми за квалитет на сервис во 5G мрежи. Toj e IEEE Senior Member и член на Иницијативата за сајбер и корпоративна безбедност и кризен менаџмент – C3I Скопје.

Живееме во време на невидени технолошки напредоци, иновации и научни откритија, особено во информациските и комуникациските технологии (ИКТ), каде посебно може да се издвои имплементијата и користењето на 5G мрежата ширум светот.

Токму во времето на 5G имплементацијата ширум светот, бидејќи истото се поклопи со ширењето на вирусот COVID-19 и избувнувањето на пандемија, конспиролозите успеаја да го поврзат овој вирус (покрај другото) токму и со 5G. Факт е дека избувнувањето на пандемијата го помести светот во тесно грло, во прекин на многу процеси, карантини, криза и пред сè големи човечки загуби. И како резултат на сето тоа, некако се засили и забрза ширењето на 5G дезинформации ширум светот, преку разни портали, социјални мрежи и разни медиуми за опасноста и штетноста на 5G, за поврзаноста на 5G со вирусот COVID-19. Несомнено пропагандата против 5G започна со подли намери кон одредени земји и научни институтиции, поттикнати од политичко-економски-психолошки и длабоки бизнис интереси. Целта на дезинформациите беше – ширење на паника, страв и кочење на одредени напредни ИКТ процеси, т.е. предизвикување технофобија. А како времето поминува се гледа дека дезинформациите за 5G беа проширени со една подлабока позадина – да се успори технолошкиот развој на одредени компании кои излегоа први со 5G изумите и имплементацијата на 5G мрежата и како резултат на економската војна на Истокот и Западот околу бизнис интересите и доминацијата на пазарот за 5G (т.е. борба во ИКТ развојот).

Денес, изгледа дека повеќето луѓе се способни да си веруваат во приказни, дезинформации и лажни вести, кои ги вдахновуваат со страв, ужас и лага, а воопшто не сакаат да знаат за вистинити и докажани нешта. Чудно, од една страна имаме врвни човечки дострели, технички напредоци со можности за патувања во вселената, невидени мисии со летала на други планети, а од друга страна, има луѓе кои сè уште веруваат во “рамна земја“, во дезинформации за “управување на мозокот“ со помош на 5G мрежи итн.

Уште во првите месеци на ширењето на пандемијата почна силното влијание и ширење на 5G дезинформациите. Почнувајќи од таму дека карантинот е токму од причина да се поставуваат „скришно“ 5G базни станици, повици за каменување на 5G базни станици, бидејќи истите го „предизвикувале вирусот“ COVID-19 и слични дезинформации. Таа невидена хистерија што ја предизвикаа не само дезинформациите за 5G мрежите, туку и останатите дезинформации и лажни вести во време на COVID-19 кризата, влијаеше навистина панично, влевајќи невиден страв во голем дел од населението, особено оние кои беа не толку упатени во науката. Полека се надѕираше тоа – колку навистина треба научниците, професорите, студентите и сите тие што знаат – да излезат храбро и да ги изнесат ствоите ставови јавно. На крајот од сè – сите ние имаме света должност да го изнесеме тоа што навистина го знаеме и што е проверено. Тоа е потребно, бидејќи светот дојде до расцеп, до критична точка, покриен во лаги.

Факт е дека дезинформациите и конспиративни видеа, од самонаречени „експерти“ (кои станале експерти во областа на 5G со гледање на 2 минутни видеа) можат да предизвикаат невидени штети, но истовремено можат лесно да се победат токму со осветлување на нештата и враќањето кон основните принципи на физиката и експерименталните докази. Тие „експерти“ во дезинформациите се користат со парцијални параметри за проценката на штетноста на 5G, со извадени од контекст работи, со примери кои не можат да се наречат експерименти (бидејќи не се повторливи) и други сомнителни „мерења“. Најчесто се одеше со фактот дека 5G зрачи на високи фреквенции. А не се споменуваа валидни параметри колку се високи фреквенциите. Колку и да се високи – спектарот во кој зрачат 5G и досегашните технологии е спектар кој спаѓа во не-јонизирани зрачења (под 300 GHz), а кои фреквенции се премногу далеку од штетните јонизирачки и радиоактивни зрачења. И згора на сè, ако го гледаме само параметарот фреквенција (без да ја гледаме јачината на електричното поле или нивото на моќноста со која се зрачи), тогаш ние сите одамна немаше да постоиме, бидејќи фреквенцијата на видливата светлина (таа која ја гледаме) е од 400 THz до 790 ТHz*. Согласно ICNIRP во насоките дадени во додатокот А [1], јасно се издвоени релевантните мерливи параметри и во истиот документ се наведени границите во кои треба да се движат овие параметри за да нема никакви несакани последици од зрачењето на било која технологија (за Македонија видете [2]). Согласно [1] и согласно други научни статии – зрачењата од 5G се во рамките на дозволеното и сè уште нема релевантен доказ дека е поинаку. Крајно, зарем телекомуникациските компании имаат интерес да продаваат штетни и опасни 5G мобилни уреди?

Дотолку повеќе, може да се каже дека дел од решенијата за справување со дезинформации (не само од типот на 5G, туку воопшто) се следните: испитување на релевантноста на изворот од каде што се чита, како и следење на најновите проверени истражувања и објавени научни трудови; постоење на филтер на социјалните мрежи, веб страните, видео-каналите за детекција и отстранување на дезинформациите и лажните вести (пример: постоење агрегатори со лажни вести и дезинформации); поголемо присуство на учени луѓе, професори, научници и доктори кои би информирале за релевантите истражувања, експериментални резултати и дострели, како и обрнување силно внмание во образовните институции да се користат релевантни извори на информации и докажани експериментални резултати.

За крај, секоја напредна технологија е како магија – можеме да ја користиме некого да повредиме, наштетиме, но можеме да ја користиме и за добро, за смеење и комуницирање на убави нешта – тоа од нас зависи. Единствен излез ни е вистината. Само таа е најстабилното тло на кое можеме да се потрпиме и зачекориме кон просперитет и сеопшт добробит.

* За споредба 1 GHz е 1000000000 Hz, а 1 ТHz е 1000000000000 Hz.

[1] https://www.icnirp.org/cms/upload/publications/ICNIRPrfgdl2020.pdf

[2]http://aek.mk/wp-content/uploads/2019/12/ИЗВЕШТАЈ-ОД-МЕРЕЊЕ-НА-НЕЈОНИЗИРАЧКО-ЗРАЧЕЊЕ-AEK-5G-NR.pdf

Оваа статија е поддржана од страна на Фондацијата Метаморфозис и Techsoup. Гледиштата изразени во оваа публикација се на авторот и не ги одразуваат секогаш гледиштата на Фондацијата Метаморфозис и Techsoup и C3I.

Напишете коментар